Свет Европа Русите продолжија со гранатирања, досега загубиле повеќе од 120.000 војници

Русите продолжија со гранатирања, досега загубиле повеќе од 120.000 војници

Фото: Нацонална полиција на Украина, преку ukrinform.net

Руските напади врз населени места во Украина продолжија и во изминатово деноноќие, со артилериски оган. Во меѓувреме, според Генералштабот на украинските вооружени сили, загубите на персонал на руските сили досега изнесува 120.160, од кои 860 биле убиени во изминатото деноноќие.

Во регионот Запорижја, во текот на изминатово деноноќие, руските агресорски сили гранатирале повеќе од 20 население места, известува украинската новинска агенција ukrinform.net.

Според локалната полициска управа, досега стигнале 18 извештаи од граѓани за уништени куќи или станови или пак инфраструктурни објекти. Во териториите окупирани од руските сили во текот на вчерашниот ден не извршена евакуација на населението.

Во текот на последното деноноќие биле ракетирани или гранатирани три населени места во регионот Харкив, при што едно лице го загубило животот, а неколкумина се ранети. Нападите се вршени со артилериски орудија и ракетни лансери. Една граната утрово погодила куќа, при што загинала 60-годишна жена. Повредени се 45-годишна жена и 7-годишно девојче, коишто се пренесени в болница.

Во регионот Донецк вчера во артилериските и ракетните напади биле убиени тројца цивили, а четворица ранети. Тоа се досегашните податоци, а можно е бројката да се зголеми, бидејќи украинските сили немаат целосен увид на теренот.

Артилериски напади се извршени и врз населеното место Охакив во регионот Миколаив. Истото се случувало и во областа Никопол во регионот Днипропетровск, во текот на ноќта. Нападнато е едно село, но нема повредени.

Напади со артилериски гранати и ракети се извршени и во регионот Суми во текот на вчерашниот ден, при што цел биле две населени места.

Според статистиките на украинските сили, регистрирани се 155 случаи на сексуално насилство, односно силувања, од страна на руските воени сили, а најголемиот дел од нив се пријавени на ослободените територии во регионите Херсон и Кијив.

Генералштабот на украинските вооружени сили, исто така, соопшти дека од 24 февруари 2022 година, кога Русија ја почна инвазијата на Украина, до утрово, украинските бранители ликвидирале 120.160 руски војници, од кои во текот на изминатото деноноќие, биле убиени 860.

Уништени се и 3.140 руски тенкови, 6.256 борбени оклопни возила, 2.135 артилериски системи, 443 повеќецевни ракетни лансери, 220 системи за противвоздушна одбрана, 287 летала, 1.891 беспилотни борбени летала (дронови), 749 крстосувачки ракети, 17 бродови или шаммци и вкупно 4.918 возила или камиони-цистерни.