Подглавна секција Републиканците и демократите од Конгресот го отфрлија барањето на Трамп за одложување...

Републиканците и демократите од Конгресот го отфрлија барањето на Трамп за одложување на изборите

Фото: Принтскрин

По вчерашниот твит на американскиот претседател Доналд Трамп во кој тој постави прашање за одложување на претседателските избори во САД закажани за 3 ноември, претставниците на Републиканската и на Демократската партија во американскиот Конгрес децидно го отфрлија ваквото барање.

– Никогаш во историјата на земјата, преку војни, депресии и граѓанска војна, никогаш сме немале ненавремено одржување на изборите и ќе најдеме начин да го сториме тоа повторно и на 3 ноември – изјави Мич Мекконел, лидер на мнозинството на републиканците во американскиот Сенат.

Со идентичен став излегоа и претставниците на Демократската партија, кои посочија дека под никакви околности нема ниту да размислуваат да го сторат ова.

Во меѓувреме, претседателот Доналд Трамп објасни дека не сака одложување на изборите, посочувајќи дека ќе оствари голема победа на претседателските избори. Сепак, тој повторно твитна дека изборните резултати мора да се знаат на изборниот ден навечер, а не денови, месеци или години после изборите.

Инаку, Доналд Трамп како кандидат на републиканците ќе се натпреварува за нов претседателски мандат на претстојните избори во САД. Главниот противкандидат на Трамп е кандидатот на демократите Џо Бајден. Изборите уште од сега се смета дека ќе бидат под влијание на пандемијата со ковид-19, која веќе предизвика најголем историски пад на бруто домашниот производ на САД во периодот на вториот квартал од дури 32,9 отсто.