Свет Европа Повредени најмалку 13 лица во руски ракетен напад врз Кијив

Повредени најмалку 13 лица во руски ракетен напад врз Кијив

Во изминатите 24 часа на фронтот во Украина, украинските Вооружени сили имале 92 престрелки од различни категории со руските агресорски сили

Фото: Ukrinform.net

Руските вооружени сили утрово извршија голем ракетен напад врз главниот град на Украина, Кијив, јави украинската државна новинска агенција ukrinform.net. Ракетни напади се извршени и врз други населени места во Украина, при што, како одговор, биле активирани капацитетите на Военото воздухопловство на Украина.

Во Кијив досега се знае за 13 ранети или инаку повредени цивили, од коишто една е бремена жена, соопшти Виталиј Кличко, градоначалникот на Кијив, на неговиот канал на Телеграм.

Покрај повредените цивили, нанесени се и штети на цивилна инфраструктура во Кијив – оштетена е главната топловодна цевка на левиот брег, а населбата Днипровски е без напојување со струја. Во една погодена станбена зграда избил пожар.

По почетокот на рускиот ракетен напад на главниот град на Украина биле активирани и системите за противвоздушна одбрана и Военото воздухопловство, при што се уништени 20 непријателски ракети при нивниот пат кон Кијив или на небото над главниот град.

Во градот Миколаив, пак, утрово се случил руски артилериски напад, при што еден маж се здобил со тешки повреди на главата и телото и подоцна починал во болница. Во гранатирањата биле оштетени околу 20 станбени згради.

Во изминатите 24 часа на фронтот во Украина, украинските Вооружени сили имале 92 престрелки од различни категории со руските агресорски сили. Руските напади од воздух и од земја нанеле големи штети на цивилна инфраструктура и станбени објекти во воените жаришта. Регистрирани се 140 напади врз населени места, соопшти Генералштабот на Вооружените сили на Украина.