Свет Европа Пентагон вети воена помош од 300 милиони долари за Украина

Пентагон вети воена помош од 300 милиони долари за Украина

Во Кривиј Рих четири цивили загинале, a шестмина, од кои две деца, се во критична состојба во болница, по ракетниот и дроновски напад од руска страна вчеравечер и во текот на ноќта

Фото: Укринформ

Оружја, муниција и други компоненти од новиот пакет воена помош од САД за Украина ќе бидат доставени на земјата многу набргу, преку претходно воспоставените канали, соопшти Генерал мајор Пет Рајдер, портпарол на Пентагон на брифинг за медиумите.

Како што пренесе украинската државна новинска агенција ukrinform.net, новиот пакет помош вреден 300 милиони американски долари, на украинските вооружени сили ќе им обезбеди борбени капацитети за неколку седмици.

Портпаролот на Пентагон исто така уверува дека се работи, во тесна координација со Конгресот на САД, набргу да биде изгласан предлог-законот со кој Украина треба да добие 60 милијарди долари помош од САД.

На фронтовските линии во Украина, продолжија воените дејствија, при што во последните 24 часа, според Генералштабот на украинските вооружени сили, се случиле 91 борбени судири меѓу украинските и руските сили, а непријателот извршил и напади врз цивилни цели, при што има загинати и ранети цивили.

Во Кривиј Рих четири цивили загинале, a шестмина, од кои две деца, се во критична состојба во болница, по ракетниот и дроновски напад од руска страна вчеравечер и во текот на ноќта. Во ракетниот напад, цел биле една деветкатна и една петкатна зграда. Крвавиот биланс од нападот со дронови е 38 повредени цивили, од кои 10 се деца.

Во ракетниот напад на Мирнохрад во регионот Донецк, пак, двајца цивили загинале, а петмина се повредени. Ракетниот напад почнал вчеравечер и продолжил и во текот на ноќта.

Во регионот Херсон во изминативе 24 часа руските сили извршиле голем број артилериски напади, при што повреди задобиле најмалку тројца цивили.