Дописници Педесет наставници од Штип реагираат на казните

Педесет наставници од Штип реагираат на казните

Град Штип

Педесетина наставници од Штип до училишните одбори поднеле приговори поради пониските оценки од интерното оценување. Тие реагираат затоа што со тоа ќе добијат и плата пониска за 3.000 денари.

Најмногу приговори, 34, се во ОУ „Ванчо Прке“, каде повеќе од половината наставници, на внатрешното оценување добиле оценки со кои е предвидена и казна. Тие тврдт дека членовите на  училишната комисија, поради непознавање на правилникот за оценување, ги оцениле наставниците со помалку поени. Училишниот одбор ги прифатил приговорите на 32 од 34-те наставници и ги поништил решенијата на директорите. Во другите училишта, каде исто така има приговори за интерното оценување, според регионалниот центар на СОНК,  училишните одбори или се прогласиле за ненадлежни или деновиве ќе одлучуваат.

На наставниците им останува можноста да го тужат училиштето пред основен суд. Синдикатот за членовите веќе понудил правна помош. Од СОНК веруваат дека ќе го добијат процесот бидејќи, според  Законот за работни односи, работник не може да биде казнет повеќе од шест месеци. Казнетите наставници една година ќе добиваат плата помала за износ од 3.000 денари. Наградените наставници, пак, ќе добијат 660 денари месечно повеќе во текот на една година. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, неодамна изјави дека наставниците во знак на солидарност со казнетите колеги, најавуваат дека ќе се откажат од месечната награда.

Од градовите во Источна Македонија, Штип има најголем број казнети наставници и приговори. По седум приговори се евидентирани во регионалните центри на СОНК во Делчево  и во Кочани.

Наставниците го очекуваат резултатот од преговорите на СОНК и на Министерството за образование и наука, од кои дел се однесува и на казните од оценувањето на наставниците.