Свет Балкан Нова вознемиреност во Грција поради барањата на кредиторите за нови мерки

Нова вознемиреност во Грција поради барањата на кредиторите за нови мерки

Нова тензија владее меѓу грчката влада и европските кредитори поради барањата за нови мерки од 3,6 милијарди евра. Грчките медиуми коментираат дека и покрај малиот напредок во разговорите меѓу грчкиот министер за финансии Евклидис Цакалотос и европските партнери, сè уште постои голем јаз меѓу позициите на двете страни и нема договор на повидок.

Проценките во медиумите се дека кредиторите ја уценуваат Грција со инсистирање да се усвојат нови мерки, нешто на кое силно се опира грчката влада, а премиерот Алексис Ципрас испраќа јасна порака дека државата веќе нема намера да усвои ниту еден нов цент од дополнителни мерки. Ваквата ситуација на нови притисоци врз владата за дополнителни мерки се проценува дека може да ја втурне земјата во нова политичка неизвесност, слично како во јуни 2015 година, кога Ципрас за прв пат дојде на власт.

Кредиторите бараат да се усвојат нови мерки за да може да се финализира втората фаза од проценката на сработеното на грчката влада во однос на договорените мерки и реформи. Меѓународните кредитори се закануваат дека доколку грчката влада не ги усвои новите мерки, нема да може да се заврши проценката и Грција ќе се најде во независна позиција.

Иако претставниците на кредиторите се враќаат во Атина следната недела, сепак проценките во Грција се дека двете страни сè уште се многу далеку од напредок до 20 февруари, кога е рокот за да се заврши втората фаза од проценката.

Извори од грчката влада коментираат дека иако има напредок во разговорите, сепак Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) останува на своите, како што велат, нереални барања поради кои нема услови да се продолжат преговорите.