Свет Балкан Мекалистер: Брисел беше изненаден од дипломатскиот спор меѓу Србија и Македонија

Мекалистер: Брисел беше изненаден од дипломатскиот спор меѓу Србија и Македонија

Брисел бил изненаден од дипломатскиот спор меѓу Србија и Македонија, но е задоволен што раководствата на двете држави овозможиле да се дојде до решение преку дијалог на дипломатско ниво без ескалации, вели известувачот за Србија во Европскиот парламент и шеф надворешнополитичкиот совет на ЕП, Дејвид Мекалистер во интервју за балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

Мекалистер вели дека вчера разговарал со српските претставници околу контроверзниот спор меѓу Србија и Македонија од чија страна, како што наведува, му било кажано дека „тоа прашање е решено“.

Околу дипломатскиот спор, европарламентарецот вчера разговарал и со шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ.

– Ми беше соопштено дека конфликтот, ако така го нарекуваме, е решен. Тука беше и повикот од сите институции на Европската Унија двете страни да останат смирени, колку што е можно повеќе – вели Мекалистер.

Тој додава дека разговорот бил доверлив и поради тоа не може да зборува за деталите.

– Очигледно е дека Србија била разочарана од одредени активности кои Македонија ги презела против српските дипломати. Мислам дека сега ја разјаснија ситуацијата, дека двете страни го промениле мислењето по тоа прашање и се надевам дека нема да видиме повторување на ваквите чекори – наведува европратеникот.

Прашан каде е интересот на Србија за вклучување во македонските политички прилики и обратно, кој е интересот на Македонија тоа да го прави во Србија, Мекалистер вели дека не може да каже „која била причината за македонските акции, и што бил мотивот тоа да го направат“, бидејќи нема информации. Тој, додава оти смета дека сите земји од Западен Балкан треба да гледаат напред и дека сите држави од регионот треба да прават сè за да не се блокираат едни со други на нивниот пат кон членство во Европската Унија.

– Македонија е државата која со години беше блокирана, поради спорот околу името со Грција, и јас се надевам дека тој спор конечно ќе биде разрешен. И на тој начин и на оваа држава исто така би можеле да и ја понудиме ЕУ перспективата и да направиме неколку конкретни чекори – вели Мекалистер, кој денеска ја завршува дводневната посета на Белград каде имал разговори со највисоките државни претставници и со претставници на дел од опозицијата.