Свет Балкан Хан ја искритикува опозицијата во Албанија поради одлуката за бојкот на изборите

Хан ја искритикува опозицијата во Албанија поради одлуката за бојкот на изборите

Еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, денеска преку отворено писмо до граѓаните на Албанија ја искритикува опозицијата за одлуката да ги бојкотира изборите, закажани за 18 јуни. Тој им порача на политичките лидери во земјата дека „ќе сносат одговорност доколку се обидат да ги попречат аспирациите на граѓаните за подобра иднина“.

„Актуелната опозиција намерно одлучи да не оди на изборите. Јас ја почитувам, но истовремено длабоко жалам поради ваквата одлука, од демократска перспектива. Албанците бараат и заслужуваат избори кои ќе овозможат широка политичка пoнуда и почитување на изборните стандарди. Сепак, демократскиот процес мора да продолжи, дури и ако некои одлучиле да не учествуваат во него. Демократијата и демократските стандарди нема да бидат кочени со бојкотирање на институциите и на демократските избори“, пишува Хан, додавајќи оти очекува од сите надлежни институции во Албанија да обезбедат целосна соработка и транспарентност со мисијата на ОДИХР, која ќе го следи изборниот процес.

Еврокомесарот, во писмото, жестоко ги осудува повиците за „акции“ кои имаат цел да го поткопаат правото на граѓаните да гласаат, како и другите фундаментални слободи, нагласувајќи дека ваквите „акции“ не можат да се оправдаат и не соодветствуваат со стандардите на Европската Унија.