Свет Балкан Грчката полиција ги засилува проверките кај Идомени

Грчката полиција ги засилува проверките кај Идомени

Грчките полициски сили се засилени поради информациите дека е можен нов протест денеска во кампот кај Идомени. Во Грција има информации дека низ кампот се шират гласини и повици за нов масовен протест покрај македонската ограда.

По седумчасовните инциденти во неделата, во кои се судрија бегалците и македонската полиција, грчката полиција засилено ги проверува сите што доаѓаат во кампот кај Идомени.

Ако претходно немаше никаква проверка и секој можеше да влезе во кампот, сега полицијата ги застанува автомобилите на патот и врши проверка на пасошите и на документите.

Засега во кампот е мирно, меѓутоа изутринава имаше нов судир меѓу Курдите и бегалците од Авганистан.

Грчката полиција сè уште истражува кој ги поттикнува бегалците. Сомнежите се дека се работи за активисти од Германија, Италија, Шпанија, кои можно е да се сместени во хотели во Гевгелија бидејќи потешко е да се најде сместување во Евзони или Поликастро.

Активистите, според информациите, ги делат летоците на арапски јазик и ги подбуцнуваат дека ќе се отворат границите и поттикнуваат на масовни протести и обиди за нелегално преминување на границата.

Според информациите од грчката полиција, активистите можно е да се инфилтрирани преку некои од невладините организации, бидејќи никој не води евиденција, ниту ги регистрира невладините што помагаат во Идомени, вкупно околу 30 во целиот регион.

Инцидентите, мизерните услови за живот и секојдневните проблеми убедија повеќе од 750 бегалци од Пиреја да се префрлат од пристаништето во новиот бегалски центар Скарамага во западните предградија на Атина, целосно нов, со многу подобри хигиенски и хумани услови за живот. Со постепеното префрлање на бегалците, денеска според официјалните информации, бројката на луѓе во Пиреја од повеќе од 5.000 се намали на 3.800 .

Според владините бројки, во Грција има 53.381 бегалец, од кои најголемиот број, 11.194, сè уште се на Идомени.

Грција денеска испрати и нови 72 бегалци од Пакистан и од Бангладеш кон Турција.