Свет Европа Енергетската криза во Западниот Балкан – слично на ЕУ, или сепак различно?

Енергетската криза во Западниот Балкан – слично на ЕУ, или сепак различно?

Фото: Albert Hyseni on Unsplash

Очекувано, глобалната енергетската криза не го заобиколи Западниот Балкан. Меѓутоа, регионот покажува некои специфики споредено со ЕУ.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Западниот Балкан е поврзан со Европската унија преку Договорот за енергетската заедница, во кој, покрај државите од нашиот регион, членуваат и Украина, Молдавија и Грузија. Со овој договор практично внатрешниот пазар на енергија на ЕУ се проширува на овие држави, што за нив значи преземање и примена на acquis на Унијата од оваа област. Сепак, обврските за усогласување и спроведување на acquis се воведуваат етапно. Секретаријатот на Енергетската заедница објавува редовни годишни извештаи во кои го оценува степенот на имплементација на Договорот во целина, но и за секоја членка поединечно. Меѓутоа, да потсетиме дека преку Договорот за енергетската заедница ЕУ „го извезува“ во земјите членки на овој договор она право кое ѝ е во надлежност – пазарот на енергија и безбедноста на снабдувањето, енергетската ефикасност и новите обновливи извори, како и меѓуповрзаноста на енергетските мрежи. Експлоатацијата на енергетските ресурси, изборот меѓу различни енергетски ресурси и структура на снабдувањето со енергија останува на државите членки – значи и на државите членки на Енергетската заедница.

Енергетската зависност на Западниот Балкан е помала од онаа на Европската Унија, која изнесува 60,3%. Меѓутоа, разликите меѓу државите се големи. Северна Македонија е најблиску до просекот на ЕУ со 58,5% зависност, зависноста на сите други држави од Западниот Балкан е од 27,4% до 35%. И трендовите се различни – додека во периодот 2009-2019 година Црна Гора и Албанија ја намалиле зависноста, Северна Македонија, Србија, и Косово ја зголемиле.

Графикон 1: Енергетска зависност на државите од Западниот Балкан, 2009 и 2019 година (% на нето увоз во бруто расположива енергија, засновано на toe – еквивалент на тон нафта). Извор: Еуростат

Слични се трендовите во увозот на примарна енергија – тој во апсолутни бројки се зголемува во Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, но по жител се зголемува во сите држави од регионот.

Табела 1: Нето увоз на примарна енергија, 2009 2014 и 2019 година во државите од Западниот Балкан (Извор: Еуростат)

Меѓутоа, она што значително го разликува регионот од ЕУ е структурата на производството на електрична енергија според тип на гориво. Зависноста на регионот од гас е помала одошто онаа на ЕУ. Меѓутоа, додека Европската унија значително го намали користењето на цврсти горива, регионот е најмногу зависен од нив – и тоа од нискоквалитетниот лигнит. Сепак, разликите се големи и во рамките на регионот: Албанија скоро целосно се потпира на хидро енергија, а во голема мерка – и Црна Гора, додека Косово е скоро целосно зависно од јагленот, а зависноста е висока и на Србија и Северна Македонија. Згора на тоа, капацитетите за преработка на јагленот се стари и дотраени, па освен за ниската продуктивност, дополнително придонесуваат и за загадувањето.

Графикон 2: Производство на електрична енергија според извори на горива – Западен Балкан, 2019 (Извор: Еуростат)

Просечното учество на обновливите извори на енергија за Западниот Балкан е повисоко одошто она на ЕУ, но повторно со големи разлики меѓу државите. Секако, оние што најмногу се потпираат на хидроенергијата предничат во користењето на обновливите извори.

Графикон 3: Учество на обновливи извори на енергија, Западен Балкан 2009 и 2019 година – % од бруто финална потрошувачка (Извор: Еуростат)

Тенденциите на инфлацијата во Западниот Балкан се слични на оние во ЕУ – се движи над 3% , при што – исто како во ЕУ – за растот приодонеле повисоките цени на храната и на енергијата.

Во извештаите и документите на Европската унија и Енергетската заедница се фали и поттикнува преминот од јаглен кон обновливи извори на енергија во Западниот Балкан. За жал, оваа кризна година токму јагленот е резервната варијанта за повеќето од државите во регионот, кои во погон ги ставаат и исклучените стари капацитети на цврсти и течни горива за да ја ублажат кризата. Транзицијата кон обновливи извори веројатно ќе причека подобри времиња. Меѓутоа, и по кризата проблемот нема едноставно да се реши, и покрај тоа што државите од регионот покажаа волја за премин кон обновливи извори на енергија. Таквиот премин бара и поголем капацитет, но и многу повеќе вложувања.