Македонија ДС предлага деблокирање на Собранието во три седници

ДС предлага деблокирање на Собранието во три седници

Демократскиот сојуз (ДС) предлага да се одржат три седници на Собранието на Република Македонија, со кои ќе се деблокира работата на законодавниот дом и ќе се изберат нов спикер и нова влада.

Според предлогот на партијата на поранешниот пратеник Павле Трајанов, прво 20 пратеници треба да поднесат барање за одржување вонредна седница на Собранието со единствена точка на дневниот ред – избор на претседател на Собранието. Ваква седница, како што велат од партијата, мора да се одржи во рок од десет дена од денот на доставување барање за вонредна седница.

„Второ, да се постави прашање за доверба на Владата на Република Македонија и да ѝ се изгласа недоверба. Седницата може да трае најдолго три дена од денот на доставување на предлогот за доверба на Владата. Трето, мандатарот да достави предлог за избор на нова влада и програма за работа на новата влада. Изборот на влада ќе мора да заврши најмногу за 17 дена од денот на доставување на предлогот“, се вели во соопштението на ДС.

На овој начин, во согласност со Уставот на Република Македонија и со деловникот за работа на Собранието, велат од партијата, ќе се деблокираат институциите и ќе почне процес на стабилизација на државата и нормализирање на животот на граѓаните.