Свет Балкан Десетта жртва од масакрот во Белград, почина најтешко повредената ученичка

Десетта жртва од масакрот во Белград, почина најтешко повредената ученичка

Ученичката која утринава почина, беше најтешко повредена и лекарите се бореа за нејзиниот живот

Извор на фотографија: PIXSELL, CC BY 3.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=131557666

Во Универзитетската детска клиника во Тиршова почина ученичката од ОУ „Владислав Рибникар“, која имаше тешки повреди на главата, соопшти Министерството за здравство, а пренесоа српските медиуми.

Министерството за здравство соопшти дека девојчето починало утринава и покрај итната хируршка интервенција и сите преземени мерки за интензивно лекување.

Српската министерка за здравство Даница Грујичиќ во свое име и во име на Министерството за здравство изрази искрено сочувство до семејството на девојчето.

Девојчето кое беше тешко повредено е десеттата жртва од пукањето во ОУ „Владислав Рибникар“, што се случи на 3 мај, кога ученикот од седмо одделение К.К. (13) со оружјето на својот татко пукаше во своите соученици.

Ученичката која утринава почина, беше најтешко повредена и лекарите се бореа за нејзиниот живот. По приемот во Тиршово, според известувањата на српските медиуми, таа била оперирана од тим неврохирурзи и од лекари од Клиничкиот центар во Србија.

Во пукањето во училиштето дента загинаа осум ученици и чуварот, а ранети беа уште седум луѓе, меѓу кои и наставничката по историја. 

Седмоодделенецот К.К. се наоѓа под надзор во психијатриска установа, додека мерка притвор до 30 дена беше одредена за неговиот татко, В.К., кој се сомничи за предизвикување општа опасност. Според српската полиција, таткото не го чувал оружјето на безбедно, како што пропишува законот, а дополнително, го носел својот малолетен син на стрелиште.

Во Србија во тек е кампања за предавање на нелегалното оружје, која трае до 8 јуни.