Свет Балкан Дачиќ смета дека треба да има меѓународна конференција за Косово

Дачиќ смета дека треба да има меѓународна конференција за Косово

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, смета дека е потребно да се организира нова меѓународна конференција за да се најде решение за Косово, што би спречило евентуална војна во иднина.

На конференцијата, според Дачиќ, би учествувале ЕУ, САД и Русија.

– Србија, која Косово и Метохија исторски ги смета за нејзин нераскинлив дел, треба да побара меѓународна конференција за наоѓање решение, кое ќе спречи можни војни за многу векови – изјавил Дачиќ.

Ваквиот предлог на Дачиќ го отфрли вицепремиерот на косовската влада и поранешен министер за надворешни работи, Енвер Хоџај, нарекувајќи го „непотребно нешто“.

„Нема потреба од друга меѓународна конференција. Дијалогот со посредство на ЕУ треба да заврши со договор за целосна нормализација на односите и за реципрочно признавање. Србија историски никогаш не била за мировни договори и никогаш не ги признавала договорите со меѓународни преговори“, напиша Хоџај на „Твитер“.