Свет Балкан Бугарија примила само 29 мигранти од воведувањето на квотите на ЕУ

Бугарија примила само 29 мигранти од воведувањето на квотите на ЕУ

Бугарија досега примила вкупно 29 мигранти од воведувањето на квотите од Европската Унија (ЕУ), покажуваат податоците на Европската комисија. Според квотите за распоредување на мигрантите во земјите членки на ЕУ, кои беа донесени минатата година, Бугарија досега требаше да прими 831 бегалец.

Сите примени мигранти се од Грција, а уште 260 мигранти кои се затекнале во оваа земја поднеле барања за нивно сместување во Бугарија.

Бугарија претходно даде ветување дека ќе прими и 471 бегалец од Италија, а во моментов бројот на мигранти кои искажале желба да бидат префрлени во Бугарија изнесува 140 лица.

Досега, според документите на ЕК, не е направен никаков прогрес во исполнувањето на квотите. Земјите членки на ЕУ на месечно ниво требаше да направат најмалку 2.000 трансфери на бегалци од Грција и 1.000 од Италија. Од април следната година бројот на трансфери, според планот, треба да биде најмалку 3.000 мигранти од Грција и 1.500 од Италија.

Според договорот меѓу ЕУ и Турција за размена на сириски бегалци, во Бугарија досега не е примен ниту еден Сириец, покажуваат анализите на ЕК.