Свет Бројот на загинати во пожарот во Оукленд можно е да достигне 40...

Бројот на загинати во пожарот во Оукленд можно е да достигне 40 лица

Властите во градот Оукленд, во американската сојузна држава Калифорнија, стравуваат дека бројот на загинати во пожарот што избувна во магацин од зграда за време на забава, би можел да изнесува неколку десетици лица, јавуваат светските медиуми.

Локалните власти веќе ја потврдија смртта на девет лица кои присуствувале на забавата, но оттаму посочиле дека бројот на загинати можно е да достигне 40 лица.

Пожарот избувнал вчера, триесетина минути пред полноќ според локално време, а од огнот се урнал покривот на магацинот, што дополнително ја компликува работата на спасувачките служби за извлекување на телата на настраданите.

Според агенциите, во моментот на избувнувањето на пожарот во магацинот, кој се користел како студио од страна на група музичари и уметници, имало од 50 до 100 луѓе.

Пожарникарите кои интервенирале утврдиле дека во зградата и во магацинот немало никаков противпожарен систем и дека целиот простор бил натрупан со инвентар, поради што единствениот излез бил преку дрвените скали.