Подглавна секција Бајден ја почна трката за нова кандидатура: „Ми треба уште време за...

Бајден ја почна трката за нова кандидатура: „Ми треба уште време за да ја завршам работата“

Следните претседателски избори ќе се одржат в ноември 2024 година

Фото: Адам Шулц,јавен домејн, Викимедиа комонс

Претседателот на САД, Џо Бајден, денеска ја почна својата кампања за повторен избор за претседател, порачувајќи им на гласачите во видео обраќање да му дадат уште време „за да ја заврши работата“ што неговата администрација ја почна пред две години, јави „Гласот на Америка“ (VOA).

Бајден ќе биде еден од кандидатите што ќе се борат за официјалната кандидатура од двете големи партии. Кои ќе бидат двајцата официјални кандидати на Републиканската и на Демократската партија – на чија целосна поддршка се надева Бајден – нема да се знае уште најмалку една година. Следните претседателски избори ќе се одржат в ноември 2024 година.

Според Гласот на Америка, сегашната функција на Бајден ја прави многу малку возможна опцијата демократите да се решат за некој друг наместо за сегашниот претседател.

Бајден го освои сегашниот претседателски мандат на изборите во 2020 година, поразувајќи го Доналд Трамп, кој беше тогаш претседател.

Трамп одби да ги признае резултатите на изборите и тврдеше дека станува збор за изборна измама. Потоа во јануари 2021 година неговите поддржувачи упаднаа во Конгресот пред законодавниот дом на САД да ги потврди резултатите од претседателските избори.

Со сцени од насилниот упад почнува и видео обраќањето на Бајден со кое тој денеска повторно побара поддршка за кандидатура.

„Секоја генерација Американци се соочувала со моменти кога требало да ја бранат демократијата. Исправете се за нашите лични слободи. Исправете се за правото да гласате и за нашите граѓански права“, порача Бајден.

За противниците, републиканците, тој нагласи дека сакаат да го ограничат правото на абортус, да ја укинат или намалат социјалната заштита, да ги ограничат правата за гласање и „да им кажуваат на луѓето кого да сакаат“.

Бајден во моментот на неговата инаугурација стана најстариот претседател на САД што стапил на функцијата. Ако освои и втор мандат, ќе го надмине сопствениот рекорд, оти тогаш би имал 82 години.