Свет Балкан Анкета во Бугарија: Партиите на Борисов и Петков изедначени, „Има таков народ“...

Анкета во Бугарија: Партиите на Борисов и Петков изедначени, „Има таков народ“ не би влегла во парламентот

Скриншот од видеопренос на ФБ страната на бугарскиот парламент

Најновата анкета на „Алфа рисрч“ покажува дека партијата „ГЕРБ“ на Бојко Борисов и „Продолжуваме со промените“ на Кирил Петков имаат минимална разлика во популарноста доколку во Бугарија се одржат предвремени парламентарни избори, пренесува bTV Novinite.

За „ГЕРБ“ на Борисов би гласале 21,5 отсто од граѓаните кои учествувале на анкетното истражување, додека „Продолжуваме со промените“ на Петков на изборите би ја поддржале 20,2 отсто од гласачите.

Она што е најинтересно во спроведената анкета е скромната популарност на партијата „Има таков народ“ на Слави Трифунов, која има популарност помала од 4 отсто (3,3 отсто) и не би го прешла изборниот праг за освојување на пратенички места во идниот собраниски состав. Инаку, токму поради партијата на Трифунов падна владата на премиерот Кирил Петков.

Трета политичка партија според популарноста е Бугарската социјалистичка партија (БСП), за која би гласале 11,5 отсто од лицата кои учествувале на анкетата. На влез во парламентот може да се надева и про-руската партија „Преродба“ со поддршка од 7,9 отсто од гласачите и „Демократска Бугарија“ за која би гласале 7,1 отсто од анкетираните лица.

Партијата блиска до турското малцинство – ДПС би освоила 8,8 отсто од гласовите на евентуални предвремени парламентарни избори, додека нова партија што би влегла во бугарскиот парламент е „Подем за Бугарија“ на поранешниот технички премиер Стефан Јанев, која би освоила 5,4 отсто од гласовите.

На анкетата бугарските граѓани одговориле и на дилемата дали на Бугарија ѝ се потребни нови избори или нова влада која би се избрала од актуелниот состав на парламентот. Резултатите покажуваат дека нова влада во рамките на актуелниот парламент поддржуваат 49,5 отсто од испитаниците, а 46,7 отсто се за предвремени избори.

Исто така, анкетата вели дека бугарскиот претседател Румен Радев останува најпопуларен политичар кај источните соседи. Иако рејтингот на Румен Радев опаднал за осум отсто во однос на април, тој на последната анкета сепак има доверба кај 43 отсто од бугарската популација.

Анкетата на „Алфа рисрч“ е спроведена во периодот од 25 јуни до 1 јули 2022 година, на национален репрезентативен примерок од 1.017 испитаници.