Главна секција ЗНМ со претставка до МВР заради непрофесионалниот однос кон новинарот Бајрами од...

ЗНМ со претставка до МВР заради непрофесионалниот однос кон новинарот Бајрами од Порталб.мк

Во текот на вчерашната ноќ за време на протест на вработените во ЈП Комунална хигиена - Скопје, новинарот Бајрами не бил во можност да ја извршува својата работна задача, односно да снима во моментот кога интервенирала специјалната единица

Фото: Здружение на новинари на Македонија

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) соопшти дека ќе поднесе претставка до Министерството за внатрешни работи (МВР) заради попречување на новинарот Суад Бајрами од Порталб.мк при вршење на професионална работа од страна на полициски службеник.

Во текот на вчерашната ноќ, за време на протест на вработените во ЈП Комунална хигиена – Скопје, новинарот Бајрами не бил во можност да ја извршува својата работна задача, односно да снима во моментот кога интервенирала специјалната единица.

„Според пријавата до ЗНМ од страна на колегата Бајрами, тој вчеравечер бил присутен на јавен простор во кругот на ЈП Комунална хигиена да известува за актуелна тема, но не можел да го стори тоа, бидејќи полициските претставници се однесувале непрофесионално кон него, односно му попречиле да ја врши работата“, се вели во соопштението на ЗНМ.

„Полициските службеници ме тргнаа на страна под оправдување дека таму бил периметарот на безбедност, иако јас им укажав неколку пати дека на местото каде што ми наредија да одам не можам да имам добар кадар за снимање”, вели Бајрами.

Здружението на новинарите смета дека со оваа постапка полициските службеници не се однесувале професионално и го прекршиле правото на новинарот Бајрами да известува од јавен простор за теми кои се од јавен интерес на граѓаните.

ЗНМ додава дека дава целосна поддршка за новинарот на Порталб.мк и во консултација со адвокатскиот тим ќе поднесат претставка до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР.