Главна секција Жбогар: Среќата е на страната на храбрите, но мора да сме трпеливи...

Жбогар: Среќата е на страната на храбрите, но мора да сме трпеливи и да видиме

Европската унија гледа добра волја на двете страни за решавање на спорот за името меѓу Грција и Македонија, вели евроамбасадорот Самуел Жбогар во интервју за „ТВ 24“ и додава дека подобрената атмосфера ќе го олесни справувањето со ова чувствително прашање.

– Ги разбирам емоциите околу ова прашање, како и грижите и фрустрациите околу овој спор. Но, мора да се запрашате, начинот на кој се справувавте со ова во минатото, дали ја зајакна државата? Дали државата доживеа прогрес? Ако одговорот е „не“, тогаш дали сега е шансата барем да се проба да се реши проблемот. Шанса е зашто меѓу земјите-членки владее возбуда дека можеби можеме да ја придвижиме оваа земја напред зашто гледаме и ангажман и подготвеност од Грција, гледаме подобра атмосфера, и го гледаме овој прозорец следната година, кога никој нема избори, и можеби ќе може да се фокусира на ова прашање – вели Жбогар за Телевизија 24.

Евроамбасадорот во интервјуто истакнува дека е секогаш е добро да се биде оптимист, отколку да сте депримирани и да кажете дека не можете да направите ништо. Во контекст на тоа рече дека Владата изгледа спремно за ангажирање во разговори и иако нема гаранции дека тие ќе бидат успешни.

– Среќата е на страната на храбрите, па мислам дека мораме да сме трпеливи и да видиме. Досега имавме само една средба, мораме да почекаме што ќе излезе од тоа – рече Жбогар.