Подглавна секција Зеленски пред самитот на ОН се чуди што уште Русија бара таму

Зеленски пред самитот на ОН се чуди што уште Русија бара таму

Украинскиот претседател рече дека ќе се обрати, но не знае дали ќе присуствува на целата дискусија или на обраќањето на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров

Фото: president.gov.ua

Само неколку часа пред почетокот на заседавањето на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации во Њујорк, украинскиот претседател Володимир Зеленски сугерираше дека меѓународното тело треба да одговори зошто уште дозволува Русија, која изврши инвазија на Украина, да биде дел од организацијата, јави „Асошиејтид Прес“.

Зеленски изјавата ја даде посетувајќи ранети украински војници во болница во Њујорк.

„За нас е многу важно нашите зборови, со нашите пораки, да бидат чуени од нашите партнери. И ако во Обединетите нации сè уште – за жал – има место за руските терористи, прашањето чинам не е за мене. Мислам дека прашањето е за сите членки на Обединетите нации“, рече Зеленски одговарајќи на новинарски прашања, речиси 19 месеци од жестоката руска инвазија што почна на 24 февруари 2022 година.

Зеленски исто така немаше јасна прогноза што ќе се случува во Советот за безбедност (СБ) на ОН, известува украинската национална новинска агенција ukrinform.net. Зеленски утре треба да присуствува на отворената дебата за Украина во СБ. Русија е една од постојаните членки на Советот за безбедност на ОН.

Одговарајќи на новинарско прашање во универзитетската болница „Стејтен Ајленд“, украинскиот претседател рече дека секако ќе се обрати, но не знае дали ќе присуствува на целата дискусија или на обраќањето на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Не знам како ќе излезе работата, навистина“, одговори Зеленски кратко.

Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, кој е исто така во Њујорк за Генералното заседание на ОН, најави дека наскоро Советот на ЕУ на министри за надворешни работи ќе го посети украинскиот главен град Кијив за да ја утврди ситуацијата на терен и да ги разгледа потреби на земјата во поглед на безбедноста и одбраната.

Ситуацијата во Украина, во меѓувреме, останува непроменета, со голем број руски напади со дронови, ракети и артилериски оган, со ранети цивили. По подолг период, извршен е руски напад и на градот Лвив на крајниот запад на земјата, при што е погоден индустриски магацин и една жена е повредена.