Главна секција Зеленски по бомбардирањето на Харков: На плоштадот „Слобода“ немаше воена цел, ова...

Зеленски по бомбардирањето на Харков: На плоштадот „Слобода“ немаше воена цел, ова е терор врз Украина

Извор на фотографија: Ukrinform

Најмалку 10 лица загинаа во нападот со крстосувачка ракета на централниот плоштад на Харков наречен „плоштад Слобода“. Украинскиот претседател Володимир Зеленски по нападот изјави дека ваквиот напад е воено злосторство, односно државен тероризам од страна на Руската Федерација.

„После вакво нешто Русија е терористичка држава. Очигледно. И тоа мора да биде официјално. Ги повикуваме сите земји во светот веднаш и ефективно да одговорат на оваа криминална тактика на агресорот и да објават дека Русија врши државен тероризам. Бараме целосна одговорност за терористите пред меѓународните судови“, изјави Зеленски во своето обраќање пред јавноста.

Извор на фотографија: Ukrinform

Тој додаде дека ракетата што експлодираше на плоштадот во Харков била испукана од рускиот град Белгород. Зеленски рече дека украинскиот град Харков и рускиот град Белгород отсекогаш биле блиски градови, за кои границата меѓу нив била само условна, но дека работите по нападот се променети.

„Ова е терор врз градот. Ова е терор врз Харков. Терор врз Украина. На плоштадот немаше воена цел. Како и во оние станбени области на Харков, кои се погодени од млазна артилерија. Ракетата кон централниот плоштад е директен, со ништо нескриен терор. Никој нема да го прости. Никој нема да го заборави“, изјави претседателот Зеленски.

Во меѓувреме, спасувачките екипи од центарот на Харков јавуваат за најмалку 10 загинати и 20 повредени лица по ракетниот напад на седиштето на регионалната влада во Харков. Укринформ јавува дека зградата е целосно уништена и дека во моментов се расчистуваат остатоците од разурнатиот објект.