Македонија Заштитните ѕидови на Пена кај тетовската болница доцнат 6 месеци

Заштитните ѕидови на Пена кај тетовската болница доцнат 6 месеци

Поминаа 6 месеци од почетокот на изградбата на заштитните ѕидови на реката Пена во близина на Клиничката болница во Тетово, а градежните работи сѐ уште не се завршени и со недели багерите не работат. Општина Тетово во ноември соопшти дека работите ќе завршат до крајот на декември. Денес, во јануари, вината за неизвршување на работата се префрлува на климатските услови и празниците, пренесува „Порталб.мк“.

На 6 август 2019 година започна изградбата на заштитните ѕидови во близина на Клиничката болница во Тетово, проект вреден 20 милиони денари. На 15 ноември, новинарот на „Порталб.мк“ забележа застој во работата, при што од Општина Тетово тогаш образложија дека работите се прекинати поради зголемување на нивото на водата и ветија дека овие заштитни ѕидови ќе бидат готови до крајот на декември.

– Работите се прекинати поради зголемување на нивото на водата, што го оневозможува одвивањето на работите. Бидејќи работите се во тек на финализација, се очекува до крајот на декември тие да завршат – изјавија од Општина Тетово на 15 ноември.

Сепак, декември помина и фактите на терен сведочат за спротивно од она што го ветија од Општина Тетово. Денес, на местото каде што се очекува да се градат заштитните ѕидови, нема ниту машинерија ниту работници.

Иако оваа зима е една од ретките во кои имавме сонце речиси секој ден, според надлежните од Општина Тетово, климатските услови се виновни за прекинот на работите.

– Зависно од климатските услови, компаниите работат. По празниците ќе продолжат да работат повторно – изјавија денес од Општина Тетово.

Општинските власти ги градат заштитните ѕидови во оние делови за кои се смета дека се проблематични и се со поголем ризик од поплавување на Клиничкиот центар. Проектот предвидува изградба на ѕид долг 500 метри од обете страни на реката Пена, односно тој ќе биде со вкупна должина од 1 километар.