Дописници Започна реконструкцијата на Мостот на поезијата во Струга

Започна реконструкцијата на Мостот на поезијата во Струга

Почнаа градежните работи за реконструкција на најпознатиот мост во Струга – Мостот на поезијата, каде што секоја година се одржуваат Струшките вечери на поезијата и од каде произлегува и самото име на мостот.

Реконструкцијата на овој мост на реката Црн Дрим е многу важна, не само поради фактот што служи како клучна точка за поврзување на писателите ширум светот, но и поради тоа што истиот е важен инфраструктурен објект за сообраќајот во центарот на Струга. И покрај тоа што многу возила секојдневно минуваат по овој мост, тој не е реновиран уште од неговата изградба.

Од локалната самоуправа од Струга најавуваат дека многу скоро, Мостот на поезијата ќе го добие новиот изглед.

Мостот на поезијата е познат по тоа што секоја година, на крајот од август, на него се изведува завршната манифестација на еден од најпознатите светски фестивали „Струшките вечери на поезијата”. На овој мост, таа вечер поетите од целиот свет читаат поезија на сопствениот јазик.