Свет Балкан Заев најави помош од 100.000 евра за Хрватска, Пендаровски со сочувство кон...

Заев најави помош од 100.000 евра за Хрватска, Пендаровски со сочувство кон настраданите во земјотресот

Владата на денешната седница донесе одлука за финансиска помош од 6 милиони денари за Хрватска, по силниот земјотрес во Петриња, информираше премиерот Зоран Заев на неговиот фејсбук-профил.

„Солидарноста е првиот порив во овие моменти и ќе пружиме помош согласно потребите. До премиерот Андреј Пленковиќ и до сите хрватски граѓани погодени од земјотресот упатувам силна поддршка. Во име на сите граѓани на Северна Македонија изразувам и сочувство за жртвите,“ напиша Заев.

Претседателот Стево Пендаровски изрази сочувство до хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и до семејствата на настраданите.

„Поддршка за нашите пријатели во Република Хрватска. Првичните информации за земјотресот се застрашувачки,“ напиша Пендаровски на Фејсбук.

Хрватскиот портал Индекс.хр јавува за најмалку тројца загинати и повеќе повредени лица во земјотресот, кој со јачина од 6,2 степени според Рихтер денеска околу пладне ја погоди Петриња, која е под рушевини.