Свет Балкан Заев: Имаме обврска да ги воведеме четирите слободи на ЕУ во Западен...

Заев: Имаме обврска да ги воведеме четирите слободи на ЕУ во Западен Балкан

Северна Македонија, Србија и Албанија треба да ја зајакнат регионалната сорботка и да ги воведат европските принципи на соработка и функционирање и четирите слободи на ЕУ за проток на производи, мобилност на луѓе, услуги и капитал, порача македонскиот премиер Зоран Заев денеска во Нови Сад. Тој заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, објавија декларација за заложбата за реализација на четири слободи на ЕУ – движење на луѓе, стоки, капитал и услуги – во Западен Балкан.

– Пред нас се можностите да ги искористиме нашите заеднички потенцијали за зголемување на трговијата, протокот на производи, мобилноста на луѓе, услуги и капитал. Тоа се четирите слободи на ЕУ. Во нашиот регион мораме да ги воведеме европските принципи на соработка и функционирање. Мораме да ја донесеме Европа на Балканот во секоја од нашите земји. Тоа е составен дел од нашата домашна задача за интеграција во ЕУ.  Мора да се зајакнат процесите за реализација на Регионалната економска област и да ги исполниме задачите кои сме ги поставиле за взаемно признавање на дипломи, сертификати, намалување на трговските бариери, подобрување на инфраструктурата, воведување на полесни и поефикасни царински процедури – рече Заев.

Тој појасни дека Иницијативата за зајакнување на регионалната соработка што ја поттикна Вучиќ е во контекст на другите регионални иницијативи под капа на Советот за регионална соработка меѓу земјите од Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес.

– Оваа иницијатива е отворена за приклучување на другите земји од Западен Балкан, како и останатите чинители кои ја помагаат регионалната соработка. Сега даваме силна политичка поддршка, а во иднина ќе имаме и други работни средби и состаноци за реализација на нашите заложби – порача Заев на заедничката прес-конференција во Нови Сад.

Како прв чекор на кој ќе се работи во претстојниот период ќе биде отстранување на сите бариери за слободно движење што е можно поскоро, за што ќе биде формирана работна група која ќе започне веднаш.

Во декларацијата се поканети и останатите лидери во Западен Балкан да им се придружат на првиот следен состанок на 10 ноември во Охрид.