Македонија За четири дена, 31 лице почина од ковид-19 во земјава

За четири дена, 31 лице почина од ковид-19 во земјава

Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби - Скопје | Фото: Арбнора Мехмети, Мета.мк

Bо последните 24 часа се направени 1.545 тестирања, а регистрирани се 144 нови случаи на ковид-19. Регистрирани се 97 оздравени пациенти, а починати се осум лица – еден пациент од Куманово (48г), еден од Штип (65г), двајца пациенти од Прилеп (62 и 83г), еден од Тетово (69г), еден од Струмица (39г), еден од Виница (63г) и еден пациент од Кичево (56г).

Во последните четири дена, починати се вкупно 31 пациент, што според микробиолозите и епидемиолозите, како што веќе објави „Мета.мк“, е бројка која е загрижувачка и која за Македонија е прилично висока, додека секаде во светот смртноста опаѓа. Загрижува и фактот дека луѓето кои ја губат битката со болеста не се стари, а тоа го покажуваат и денешните бројки.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 16.417, бројката на оздравени пациенти е 13.732, на починати е 683, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.002.

„На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 8 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 75 пациенти. На кислородна поддршка се 42 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација. Во болницата во Козле хоспитализирани се три деца и три мајки позитивни на ковид-19, шест деца и шест мајки суспектни на вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ примени се двајца, а вкупно хоспитализирани се 32 пациенти. На респираторна машина е еден пациент. Во болницата во Битола се хоспитализирани 20, а во болницата во Штип се хоспитализирани 45 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 152, позитивни и сомнителни на ковид-19“, соопштуваат во Министерството за здравство.