Расте бројот на новозаразени пациенти, а се намалува бројот на пациенти кои се хоспитализираат. Додека секаде во светот смртноста од ковид-19 опаѓа, кај нас расте, а доказ за тоа е 23 починати за последниве три дена.
На што се должи ова? Што да очекуваме во периодот кој следува, со оглед на фактот дека градинките се веќе отворени, а училиштата ќе се отворат за две недели? За ова, поразговаравме со микробиологот проф. д-р Никола Пановски, како и со д-р Александар Стојанов, директор на Центарот за јавно здравје.
– Сечие однесување си игра своја улога. На пример, вчера каде што живеам, отвараа нов кафич во кој се собраа десетици млади луѓе и имаше жива музика и забавата траеше до доцна додека не дојде полиција. Потоа, може некој да се качи во автобус, а претходно да бил на некој настан и да зарази луѓе во автобусот. Не се почитуваат нигде мерките. Ќе биде уште полоша ситуацијата, еве 186 нови имаме денеска, од кои 56 се во Скопје, а пред тоа во главниот град имавме по околу дваесетина. Се отвораат ноќни клубови во градот, но и во Стурмица, секаде на истокот, не можат да ги сопрат ноќните клубови. Си мислат „Мене не ме фаќа ковид“ и се однесуваат нормално. Затоа, епидемијата нормално е и очекувано да пламне, бидејќи целото ова однесување е ризично и ја комплицира ситуацијата – вели д-р Стојанов.
Според него, и утре да имаме вакцина, ако вака сите се однесуваме, ковид-кризата нема да запре.
– Ова вака не запира. Ова вака ќе биде уште долго. Досега никаде во светот нема колективен имунитет. Единствено чаре се мерките за самозаштита, но тоа не се почитува – додава докторот.
Пановски пак, забележува дека зголемувањето на бројот на новозаразени пациенти не е страшно, колку што е интересно дека се намалуваат хоспитализациите.
– Ситуацијата со смртните случаи е загрижувачка. Во три дена имаме 23 мртви. На што се должи тоа, каде умираат тие луѓе, во кои болници? Што се случува во болниците во внатрешноста, со што ги лечат? Енормен број имаме, за Македонија тоа е многу. Во цел свет смртноста опаѓа, иако бројот на новозаразени расте. И не се стари луѓето што умираат – вели проф. Пановски.
Тој смета дека во училиштата и градинките нема да се шири вирусот бидејќи децата си се заедно по цел ден, со почитување на мерки.
– Заладувањето на времето ќе биде проблем. Диско клубовите ќе почнат да се полнат, а сè што се случува во затворен простор, е ризик. Сега ќе започне и период на домашни слави на кои ќе има масовни собири и тоа ќе биде причина епидемијата да пламне – смета професорот.