Свет Балкан Вучиќ им забрани на министрите да ги коментираат случувањата во регионот

Вучиќ им забрани на министрите да ги коментираат случувањата во регионот

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денеска потврди дека премиерот Александар Вучиќ на сите министри, државни функционери и службеници им забранил да ги коментираат случувањата во регионот, јавува дописникот на „Мета“ од Белград.

„Премиерот нè замоли да му овозможиме, поради сериозноста на темите и на регионалните односи, тој да одговара на прашањата во врска со регионалните политички теми“, рече Дачиќ по разговорот со шефот на ирачката дипломатија, Ибрахим ал Џафари во Белград.

Според пишувањата на белградскиот весник „Блиц“, Вучиќ на ова се одлучил по последните случувања во Косово и по запирањето на возот кој требаше да сообраќа на линијата Белград – Косовска Митровица, а за да се оди во правец на смирување на ситуацијата во регионот, а не кон нејзино понатамошно заострување.

Во писмото кое вчера им го испратил на министрите, Вучиќ побарал од сите државни функционери поради чувствителноста на ситуацијата да не даваат изјави, туку да му остават нему да зборува за односите со Приштина, Загреб и со Сараево, пишува „Блиц“.