Проверка на факти Во Грција објавено две години старо видео од Бразил со кое се...

Во Грција објавено две години старо видео од Бразил со кое се дезинформира јавноста за Ковид-19

Подвозникот под мостот „Гоце Делчев“ во Скопје за време на полициски час кон крајот на Март 2020 г. | Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Грчкиот сервис за борба против дезинформациите ellinikahoaxes.gr анализирал видео објавено од неколку грчки сајтови, кое е масовно споделувано на социјалните мрежи, а на кое се гледа ексхумација и отворање на мртовечки ковчег во кој наместо човечки останки има камења и песок. За видеото се тврдело дека е направено неодамна во Португалија и оти докажува дека таму се лаже за смртноста од Ковид-19 и наместо пациенти умрени од оваа болест, се закопуваат празни ковчези.

Но, проверката од ellinikahoaxes.gr утврдила дека станува збор за видео направено во мај 2017 година во Бразил, а е снимено во рамки на полициска истрага за измами со осигурувањето во бразилската општина Сао Карлос. Всушност, осомничените за измама, склучиле договори за животно осигурување на име на една жена, а потоа лажно пријавиле нејзина смрт за да ги земат парите од животните осигурувања.

Бидејќи ваква дезинформација се ширела претходно и во други земји, АФП истражувала и го идентификувала новинарот Фабио Родригез, кој кажал дека тој го направил видеото, а дополнително контактирале и со властите во Бразил, коишто потврдиле дека станува збор за полициска истрага во Сао Карлос.

Според утврденото, апсолутно е дезинформација дека видеото е направено во Португалија во скоро време за лажно да се зголемува бројката на починати од Ковид-19.