Економија Владата воведува мерки за штедење струја, за институциите се задолжителни

Владата воведува мерки за штедење струја, за институциите се задолжителни

Фото: Мета.мк

Државните институции од септември ќе мора да воведат конкретни мерки за заштеда на струја, кои ќе подразберат намалување на сметките за електрична енергија за 15 отсто. За граѓаните и компаниите се предвидени препораки за заштеда на струја, но за државните институции има конкретни задолженија кои ќе мора да се исполнат, за да нема санкции.

Министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција изјави дека неговото министерство донело сет од препораки и задолженија за намалување на потрошувачката на електрична енергија за безбедна зима. Мерките ќе стапат во сила од 1 септември годинава, а ќе важат до 31 март 2023 година.

„Целта е намалување на потрошувачката за 15 отсто споредено со истиот месец лани. Ако не се постигне оваа цел, ќе следуваат, согласно етичкиот кодекс и сите уредби, одредени санкции за сите раководители на институциите“, изјави Бектеши.

Меѓу мерките што се планирани за државните институции се и исклучувањето на декоративното осветлување на фасадите на јавните објекти и културните споменици, гаснењето сијалици кога има доволно дневна светлина, во сезона на ладење климите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени, да се исклучуваат компјутерите по работата, редовно да се менуваат филтрите на грејните тела и клима уредите, да се принтаат само потребните материјали и да се спроведат мерки за енергетска ефикасност.