Македонија Владата одлучи градинките да се отворат на 9 септември

Владата одлучи градинките да се отворат на 9 септември

Извор на фотографија: Влада на РСМ

Владата на вчерашната седница ја разгледа и ја усвои Информацијата за повторно отворање на установите за згрижување и воспитување на деца – детски градинки/центри за ран детски развој, кое се планира да почне на 9 септември, информираат од владината прес-служба. Во наредните денови, градинките низ целата земја се должни да се подготват за работа.

„Согласно заклучоците за ова прашање, Владата им препорачува на сите единици на локална самоуправа кои се основачи на јавните установи за згрижување и воспитување на  деца, да обезбедат дополнителен простор или адаптираат соодветен простор за потребите на градинките доколку градинката има потреба за згрижување на деца согласно Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитување на деца, како и да обезбедат потребен соодветен кадар за временски период до траењето на епидемијата со ковид-19, доколку градинката има потреба по итни и неодложни работи за непречено функционирање“, се наведува во соопштението на Владата на РСМ.

Поради опасноста од ширење на корона вирусот, Владата на 11 март ги затвори сите градинки, училишта и факултети низ земјава. Токму градинките ќе бидат први што ќе отворат есенва, додека за основните и средните училишта веќе е решено да почнат со комбинирана настава на 1 октомври. Во оние училишта каде што има услови за одржување на настава во согласност со мерките за заштита од ковид-19, учениците ќе почнат со настава со присуство во училниците од првиот ден на октомври, додека за останатите ќе биде организирана онлајн настава.