Економија Владата ќе го помогне туристичко-угостителскиот сектор и со четвртиот пакет економски мерки

Владата ќе го помогне туристичко-угостителскиот сектор и со четвртиот пакет економски мерки

Поддршката за туристичко-угостителскиот сектор ќе продолжи и во наредниот период преку четвртиот пакет мерки кој е во фаза на подготовка, истакна денеска министерот за економија Крешник Бектеши на средбата со претставници од Здружението за туризам и угостителство при Стопанската комора на Македонија.

Мерките, како што додаде Бектеши, ќе се носат со целосна вклученост и консултација на секторот врз основа на реалните потреби.

Претставниците од Здружението за туризам и угостителство побарале да продолжи поддршката за придонеси на вработени, финансиска поддршка за минимална плата до март месец следната година, ослободување на ДДВ за услуги во угостителството во времетраење од една година, да се предвиди ослободување од ДДВ на туристичките услуги кои се извршуваат надвор од Европската унија и да се поедностави процедурата за субвенции.

„Меѓу барањата кои што ги достави туристичкиот сектор се и формирање на Гарантен фонд во туризмот, финансиска поддршка за маркетинг активности за дојдовен туризам, зајакната промоција во земјите од регионот и од Европската унија и др,“ информираа од Министерство за економија.

Бектеши исто така информирал дека во програмата на Владата за четиригодишниот мандат е предвидено намалување на ДДВ на ресторантски услуги, што е едно од долгогодишните барања на туристичките работници.