Видео Витанов: Бев изманипулиран од ВМРО-НП, давам оставка и ќе соработувам со СДСМ

Витанов: Бев изманипулиран од ВМРО-НП, давам оставка и ќе соработувам со СДСМ

Еден ден откако беше објавено дека преминува во советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Струмица, Методи Витанов, советник од ВМРО-НП, денеска соопшти дека бил изманипулиран од централното раководство на партијата поради одлуката да се коалицира со ВМРО-ДПМНЕ и дека наместо тоа решил од денеска да дејствува како независен советник, а ќе ја поддржува советничката група на СДСМ. Поддршка доби и од претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-НП во Струмица.

Објавувајќи ја новата коалиција, ВМРО-ДПМНЕ вчера порача дека со тоа постигнува мнозинство. Денешната оставка на Витанов, повторно го враќа соодносот на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ на 11 наспрема 11 во општинскиот совет.

„Како советник на ВМРО-НП, која до вчера коалицираше со СДСМ во Советот на Струмица, грубо сум изманипулиран од централното раководство на ВМРО-НП, почитувајќи ја нивната одлука за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Струмица“, вели во видеоизјавата советникот Методи Витанов, за кој вчера беше објавено дека преминал во советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, со што дојде до нов распоред на силите, односно 12 за советничката група на ВМРО-ДПМНЕ наспрема 10 за советничката група на СДСМ.

– Поради несериозноста на централното раководство на ВМРО-НП, си давам оставка од партијата. Понатамошниот мандат во Советот на општина Струмица ќе го водам како независен советник, подржувајќи ја советничката група на СДСМ – вели Витанов.

Поддршка на Витанов му изрази и Ристо Пецев, претседател на општинскиот комитет на ВМРО-НП во Струмица.

Вчера советничката група на ВМРО-ДПМНЕ објави дека имаат ново советничко мнозинство во Советот на Струмица бидејќи Витанов влегол во нивните редови. На прес-конференција на која зборуваше советникот на ВМРО-ДПМНЕм Зоран Пакетов, беше и Витанов, но тој вчера не ја образложи својата одлука. Пакетов вчера побара итна седница за верификација на мнозинството во Советот на општина Струмица, избор на нов претседател на Советот и нов в.д. градоначалник. Од СДСМ, пак, побараа, Витанов да ја преиспита одлуката.

Поранешниот состав на советниците во струмичкиот Совет беше 12 советници за СДСМ и 11 за ВМРО-ДПМНЕ, но по парламентарните избори, кога поранешниот градоначалник Зоран Заев го доби пратеничкиот мандат, негов заменик, односно в.д. градоначалник, стана советникот Костадин Костадиновски. Со тоа бројот на советници се израмни.