Македонија Вељаноски го закажа продолжението на конститутивната седница на Собранието за вторник

Вељаноски го закажа продолжението на конститутивната седница на Собранието за вторник

Честитајќи го претстојниот празник Велигден на граѓаните на Македонија, претседавачот на Собранието, Трајко Вељаноски, следното продолжение на конститутивната седница го закажа за вторник (18 април), во 11 часот.

Пратениците и на 12. продолжение на конститутивната седница ги застапуваа своите партиски ставови и расправаа за тиранската платформа, законот за употреба на јазиците, Охридскиот рамковен договор и за правата и за обврските што произлегуваат од него.

Пратеничката од ДОМ, Маја Морачанин, истакна дека овие 12 дена, преку работата на Собранието, граѓаните се увериле во тоа што значи изразот „заробена институција“.

„Очигледно е дека под превезот на интересот на народот и наводна дебата, се оневозможува избор на членовите и на претседателот на Комисијата за избори и за именувања и на претседател на Собранието. Се извинувам што со овие мои три минути ја продолжувам агонијата во Собранието“, изјави Морачанин.