Македонија Уставниот суд им ја врати полната плата на функционерите, судиите и обвинителите,...

Уставниот суд им ја врати полната плата на функционерите, судиите и обвинителите, Владата негодува

Уставниот суд на денешната седница одлучи привремено да го запре извршувањето на три уредби на владата во период на вонредната состојба. Станува збор за уредбата со која сите избрани, именувани и назначени лица во јавниот сектор ќе добиваат минималец од 14.500 денари како месечна плата за април и мај. Ова значи дека извршувањето на уредбата е запрено, поради тоа што Уставниот суд повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на оваа уредба.

Меѓу другите што ги засега оваа уредба се токму државните функционери, обвинителите, но и судиите во земјава. Покрај ова, Уставниот суд покрена постапка за оценување на уставноста за уредбата со која се забранува исплата на додатоци и надоместоци на плата во јавниот сектор во време на вонредна состојба, но и уредбата со која се предвидува исплата на заостанатите плати на службениците на СЈО.

Од Владата реагираа со соопштение на ваквата одлука на уставните судии, во која се укажува дека поведената постапка на Уставниот суд ја поткопува солидарноста во земјата и директно штети на обезбедувањето средства за справување со Ковид-19. Тие изразија разочарување од одлуката, за која велат дека е скандалозна.

– Со оваа одлука, Уставниот суд директно спречува обезбедување околу 240 милиони денари во Буџетот за мерки за справување со Ковид-19 – се вели во владиното соопштение.

И од владејачката партија СДСМ посочуваат дека одлуката на Уставниот суд е срамна и недозволива.

– Довербата во Уставниот суд повторно е поткопана. Ја поставува неправдата како соперник во борбата против економските последици од корона вирусот. Уште еднаш, се потврдува потребата и програмската определба на СДСМ за прочистување на судството – изјави потпретседателот на СДСМ, Коста Петров.