Главна секција Уште осум дена до крајот на пописот, од ДЗС се децидни дека...

Уште осум дена до крајот на пописот, од ДЗС се децидни дека никој нема пристап до личните податоци

Фото: ДЗС

Уште осум дена до крајот на пописот кој во земјава не е направен две децении. Од Државниот завод за статистика велеат дека попишувачите работат со максимален капацитет за никој да не биде изоставен и непопишан.

Тие апелираат граѓаните да бидат трпеливи, но и да не примаат лажни попишувачи, односно да проверат дали се овластени од ДЗС.

„Исто така, би сакале да потсетиме дека податоците од Пописот се исклучиво за статистички цели и ќе се објавуваат само агрегирано, а никако како лични податоци3, велат од заводот за статистика.

Оттаму додаваат дека пристап до личните податоци нема никој, а процесот на обработка на податоците е автоматизиран.

„Државниот завод за статистика ниту издавал ниту ќе издава какви било потврди за податоци дадени во Пописот ниту во некои други истражувања што ги спроведува ДЗС и со кои се прибираат лични податоци“, се вели во соопштението на ДЗС.

Додаваат дека попишувачите немаат право да им сугерираат на граѓаните како да одговорат на прашањата за етничка припадност, за вероисповест и за мајчин јазик, бидејќи станува збор за лично чувство на секој граѓанин.

„Попишувачите имаат должност да овозможат увид во внесените податоци, а секој граѓанин треба да го следи процесот на попишување и да гледа што попишувачот внесува во апликацијата. Доколку некој врши притисок по кој било основ, граѓанинот има право да го пријави случајот“, велат од ДЗС.

Тие апелираат до граѓаните да не наседнуваат на провокации и притисоци и во Пописот да ги дадат податоците кои се бараат од нив слободно, со доверба и според сопственото чувство.

„Да ја завршиме оваа активност која долго ја очекувавме за доброто на сите нас, затоа што успешноста зависи од сите нас“, велат од ДЗС