Македонија Управниот суд ги одби сите 185 тужби што политичките партии ги поднесоа...

Управниот суд ги одби сите 185 тужби што политичките партии ги поднесоа за изборите

Управниот суд ги одби сите 185 тужби што политичките партии ги поднесоа за изборите и ги потврди решенијата на Државната изборна комисија (ДИК). По изготвување на одлуките, тие јавно ќе бидат објавени на веб-страната на Управниот суд.

„Денешните јавни расправи по поднесените тужби од политичките партии: ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција Обнова на Македонија, Единствена Македонија и Коалиција Никогаш Северна само Македонија и Демократи се завршени и изреките на одлуките со кои тужбите се одбиени се јавно соопштени во законски предвидениот рок“, велат од судот.

Претходно Управниот суд извести дека ги одби сите тужби поднесени од Левица, Алијанса/Алтернатива и Интегра.

По одлучувањето на Управниот суд, ДИК треба да ги прогласи конечните резултати од предвремените парламентарни избори. Со прогласувањето на конечните изборни резултати, треба да настапат и министерските смени во техничката влада на Оливер Спасовски во согласност со Пржинскиот договор. Конститутивната седница пак на новото Собрание на РСМ треба да се случи најдоцна до 4 август.