Откако Државната изборна комисија (ДИК) ќе ги објави конечните резултати од предвремените парламентарни избори, во актуелната техничка влада треба да следуваат министерски смени во согласност со Пржинскиот договор. Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев штом се соопштат конечните резултати ќе мора да си замине од оваа функција, заедно со дополнителната заменик министерка Славјанка Петровска. До изборот на новата влада, со МВР ќе раководи актуелниот заменик министер Агим Нухиу, кој како кадар на ДУИ беше на идентичната позиција и по изборите во 2016 година.
Од Министерството за труд и социјална политика ќе си замине дополнителниот заменик министер Санела Шкријељ, при што ова министерство ќе биде раководено од досегашниот заменик министер Ѓонул Бајрактар. Според Пржинскиот договор, по објавувањето на конечните изборни резултати од дополнителните заменички места ќе мора да си заминат и кадрите на ВМРО-ДПМНЕ од Министерството за финансии, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и од Министерството за информатичко општество и администрација.
Министрите за земјоделство Трајан Димковски и за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски ќе останат на раководните места во овие две министерства, додека Нина Ангеловска останува министер за финансии во техничката влада на премиерот Оливер Спасовски до формирањето на идната влада.
Откако Државната изборна комисија (ДИК) ги одби сите приговори за одржаните избори поднесени од политичките партии, следен за донесување одлуки е Управниот суд по однос на жалбите што ќе ги поднесат партиите до овој судски орган. По одлучувањето на Управниот суд, ДИК треба да ги прогласи конечните резултати од предвремените парламентарни избори, со што ќе настапат министерските смени во техничката влада.