Свет Европа Туск: Мигрантската криза може да се реши само со соработка со Балканот

Туск: Мигрантската криза може да се реши само со соработка со Балканот

Услов за решавање на мигрантската криза е тесна соработка на ЕУ со нејзините партнери на Балканот, порача денеска во Виена претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, пред почетокот на самитот „Мигрантската рута на Балканот“.

– Уште од првите денови на миграциската криза, немав сомнеж дека клучот за решавањето на кризата е во враќањето на ефикасната контрола на надворешните граници на Европската Унија. Очигледно, основен услов за постигнување на оваа цел е тесна соработка со нашите партнери на Балканот и во Турција – рече Туск.

Тој рече дека на самитот треба да се постигне договор за тоа како да се подобри ефикасноста на дејствување.

– Ние треба да потврдиме, како политички, така и во практика, дека западно-балканската рута на нелегална миграција е засекогаш затворена. Ова е причината зошто јас сум среќен што канцеларот на Австрија, Кристијан Керн, презеде иницијатива и го организира овој состанок – додаде Доналд Туск.

На самитот во Виена, присуствува македонскиот премиер Емил Димитриев, германската канцеларка Ангела Меркел, еврокомесарот за внатрешни работи и за миграциски прашања, Димитрис Аврамопулос, како и премиерите на Грција, Словенија, Хрватска, Албанија, Унгарија, Бугарија, Србија и на Романија, Алексис Ципрас, Миро Церар, Тихомир Орешковиќ, Еди Рама, Виктор Орбан, Бојко Борисов, Александар Вучиќ и Дачијан Чолош.