Свет Балкан „Тројката“ повторно во Атина

„Тројката“ повторно во Атина

Претставниците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и на европските институции се вратија во Атина и од изутринава веќе ги чешлаат државните институции со барања за спроведување реформи за подобра функционалност на државата и за намалување на државните трошоци. Под силно полициско присуство, 45 функционери и чиновници на пониско ниво се среќаваат со нивните колеги за да дојде до усогласување на мерките и на реформите за Грција да може да постигне конечен договор со институциите до втората половина на август.

Според информациите, „тројката“ настапува со црвени линии и не дозволува одново преговарање за колективни договори, бара да не се зголеми најниската плата во приватниот и во државниот сектор и да се одржи во исти граници ниската плата за младите под 25 години. Претставниците бараат да се ограничат правата за протест и синдикалните слободи. Грчките медиуми пренесуваат дека во торбата на „тројката“ за Грција има и нови намалувања на пензиите до 30 отсто, но и намалување на платите во државниот сектор од 5 до 10 отсто.

Претставниците на ММФ и европските институции ќе инсистираат грчката влада да спроведе сè од договореното и да не застранува со идеи и со дискусии за омекнување на некои од мерките. Ќе се бара поголема либерализација за зголемување на конкуретноста на пазарот и подобрување на бизнис-климата. Пораките кои стигаат до грчката влада од европска страна се дека изгласувањето на првите листи приоритетни мерки и реформи се прв чекор, но не доволен за да се исплати првата рата од кредитот, поради што ќе се бара голема сериозност од Атина и спроведување директно на договорените обврски.

Клучна мерка што се очекува да создаде голем проблем ќе биде приватизацијата на државниот имот. Група од 29 пратеници на СИРИЗА отворено изразија несогласување со приватизација на државен имот, тема која левичарската партија од самиот почеток истакна дека нема да се спроведе кога тие ќе дојдат на власт.

Дваесет и деветте пратеници на СИРИЗА испратија отворено пратеничко прашање со кое бараат да им се одговори како државата ќе ја надомести штетата што ќе му биде направена на грчкиот народ од приватизацијата на малите аеродроми низ цела Грција.

М.П.