Македонија Трет ден митинзи: ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци, СДСМ во Кичево, ДПА во Челопек

Трет ден митинзи: ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци, СДСМ во Кичево, ДПА во Челопек

Политичките партии денеска продолжуваат со изборната кампања за претстојните парламентарни избори закажани за 11 декември, со митинзи и со средби со граѓани низ Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија денешните изборни активности ќе ги почнат во 17.30 часот со митинг во Неготино, а централниот митинг денеска ќе биде во Кавадарци, во 20 часот.

Коалицијата предводена од СДСМ попладнево во 17.30 часот ќе има митинг во Демир Хисар, а централниот собир е вечерва во Кичево.

Владејачката партија од албанскиот блок, ДУИ, денеска нема да одржи централен митинг, но носителот на листата на партијата во првата изборна единица, Артан Груби, ќе одржи прес-конференција во седиштето на ДУИ во Скопје.

За разлика од ДУИ, нивниот политички опонент, ДПА, во 18.30 часот ќе одржи митинг во тетовското село Челопек.

Коалицијата за промени и правда ќе одржи средби со граѓани во Кавадарци и во Неготино, а Алијансата за Албанците во 19 часот ќе одржи митинг во Сарај.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, вчера во Струга порача дека е важно да не се дозволи Македонија да биде жртва на неизвесноста што, како што рече, СДСМ и Заев сакаат да ја создадат со нивните опуштени изјави, кои имаат многу опасна и сериозна цел, а таа е целосно редефинирање на државата.

Зоран Заев, претседателот на СДСМ, пак, од централниот митинг во Аеродром, вчеравечер порача дека Груевски ја измислил федерализацијата која е само во главите на неонационалистите. Тој вети дека Македонија ќе биде едно општество за сите, дом за сите, правично општество во кое ќе има правда за сите.