Свет Трамп денеска ќе ја потпише забраната за влез на државјани од шест...

Трамп денеска ќе ја потпише забраната за влез на државјани од шест земји

Американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја потпише ревидираната извршна уредба за забрана за влез во САД, од која ќе бидат изземени државјаните на Ирак.

Ова го потврди советничката на Трамп, Келијан Конвеј.

Според првата уредба што Трамп ја потпиша на 27 јануари, влез во САД на државјани на седум земји со мнозинско муслиманско население – Ирак, Иран, Јемен, Либија, Сирија, Сомалија и Судан – им беше забранет на 90 дена, на бегалците на 120 дена, а на сириските бегалци трајно.

Уредбата предизвика хаос на американските аеродроми, а подоцна беше суспендирана со одлука на судот.

Конвеј за „Фокс њус“ соопшти дека со уредбата за забрана за влез во САД која ќе стапи на сила на 16 март, експлицитно ќе бидат изземени странските државјани со постојан престој во САД и тие што имаат американска виза.

Ирак веќе нема да биде на листата на муслимански земји на кои ќе им биде забранет влез во САД, додаде Конвеј.

Во меѓувреме ирачкото министерство за надворешни работи соопшти дека Ирак чувствува „длабоко олеснување“ поради одлуката на американскиот претседател да го тргне Ирак од листата на земји означени со уредбата за имиграција.