Свет Трамп бара од демократите да спречат блокада на сојузната администрација

Трамп бара од демократите да спречат блокада на сојузната администрација

Претседателот на САД, Доналд Трамп ги повика сенаторите од редот на демократите да гласаат за законот за привремено финансирање на владата за да не дојде до парализирање на сојузната администрација, јавуваат агенциите.

Трамп притоа ги критикуваше демократите во Сенатот, велејќи дека „тие сакаат нелегална имиграција и слаби граници“.

„Законот за привремено финансирање на владата е одобрен ноќеска во Претставничкиот дом. Сега се потребни гласовите на демократите за да биде одобрен во Сенатот, но тие сакаат нелегална имиграција и слаби граници“, напиша Трамп на „Твитер“.

Долниот дом на Конгресот синоќа го изгласа законот со кој продолжува финансирањето на буџетот до 16 февруари. Сенатот би требало да гласа за законот денеска до полноќ, кога престанува досегашниот начин на финансирање.

Трамп предупреди дека доколку текстот на законот не добие зелено светло во Сенатот, ќе дојде до блокада на сојузната влада, поради што голем број на сојузни агенции може да бидат затворени.