Македонија Топалоски се премисли: Не сум видел пиштол, поради стресот сум помислил дека...

Топалоски се премисли: Не сум видел пиштол, поради стресот сум помислил дека Нефи има пиштол

Фото: Мета.мк

Добив удар од позади грб и поради стресот што го добив сум стекнал погрешен впечаток дека Нефи Усеини има пиштол. Ова е дел од новата изјава на охриѓанецот Спирко Топалоски, кој завчера пријави дека бил нападнат од советникот на ДУИ во општина Охрид, Нефи Усеини. Во соопштение од неговиот адвокат, Топалоски ја менува првичната изјава.

Нефи Усеини и неговиот брат, во отсуство, добија осумдневен притвор за нападот на Топалоски. Полицијата трага по нив.

Првата изјава на Топалоски беше дека Нефи го тепал и замавнувал со пиштол пред очите на неговиот малолетен син, а сега тврди дека Усеини бил и ќе остане негов пријател.

„Јас Спирко Топалоски, сега во добра здравствена состојба, сакам да ги демантирам написите кои деновиве излегоа во јавноста, надвор од контекст и надвор од се што се случи критичниот ден. Од еден немил настан и расправија, која произлезе најверојатно од политички причини, односно од структури за мене непознати, со цел да се дискредитира неговото име и да се наруши нашето пријателство, се направи филм. Додека јас и Нефи разговаравме, добив удар од задната страна и од стресот што го добив, особено и поради тоа што мојот син беше присутен добив погрешен впечаток за се. Да бидам искрен, оружје не видов, но во целата таа паника што настана, се стекнав со таков впечаток како да има пиштол, а всушност немаше. Сакам да потенцирам дека се работи само за едно недоразбирање, кое е надминато. Нефи бил и ќе биде мој пријател. Би ја замолил јавноста и медиумите да се занимаваат со други поважни, а не вакви исконструирани настани“, пишува Топалоски во писмениот допис кој го објави Охрид 1.