Македонија Таравари: Мислам дека овде завршува нашата приказна со Данела Арсовска во Скопје

Таравари: Мислам дека овде завршува нашата приказна со Данела Арсовска во Скопје

Фото: ФБ страна на Арбен Таравари

Гостиварскиот градоначалник и генерален секретар на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, во денешното гостување во Студио 10 на ТВ 24 изјави дека можен е крај на соработката на Алијансата на Албанците со скопската градоначалничка Данела Арсовска, доколку е разрешен директорот на ЈП „Комунална хигиена“, којшто е нивен кадар.

Таравари на гостувањето потврди дека лицето кое вчера на плоштадот Скендербег извадило пиштол и пукало во воздух за време на протестот, е член на Алијансата на Албанците и дека неговиот хотел се наоѓа во непосредба близина, кој демонстрантите го демолирале еден ден претходно.

Во однос на разрешениот директор на ЈП „Комунална хигиена“, за кој медиумите веќе наведоа дека е брат на човекот којшто вчера извади пиштол и пукаше во воздух, Таравари рече дека ако навистина е разрешен, тогаш завршува соработката на Алијансата на Албанците со Данела Арсовска.

„Ова го зборувам лично, меѓутоа, денеска ќе имаме и партиски состанок, јас лично ќе побарам од претседателството, мислам дека овде завршува нашата приказна во Скопје со Данела Арсовска. После 12 навечер да разрешува директори, без да се консултира, тоа е неприфатливо“, изјави Таравари.

Од кабинетот на скопската градоначалничка Данела Арсовска синоќа пред полноќ пристигна соопштение до медиумите, во кое се наведува дека е разрешен в.д. директорот на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, Зуди Енузи.

„Градот Скопје како град на соживот и солидарност не смее да биде центар на насилство и пресметки со огнено оружје и креирање меѓуетнички тензии меѓу нашите сограѓани. Политиката зема замав и во ниту еден случај не смее да влијае на професионалноста на водењето на институциите.  И покрај одличното и професионално менаџирање со јавното претпријатие Комунална Хигиена од страна на Зуди Енузи, сепак мојот етички кодекс не дозволува тој да продолжи да раководи со претпријатието. Затоа истиот е разрешен од позицијата вршител на должност“, се наведува во соопштението од кабинетот на Данела Арсовска.

Инаку, во Советот на град Скопје во моментов ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ има тесно мнозинство за работа, кон кое се има приклучено Алијанса на Албанците. Според актуелниот состав, коалицијата околу ВМРО-ДПМНЕ има 18 советници, коалицијата околу СДСМ има 12 советници, ДУИ има 5 советници, Левица има 4 советници, коалицијата ЛДП-ДОМ е со 2 советника, а по толку советници имаат и Зелен хуман град и Алијанса на Албанците со Алтернатива.