Изминатата година, македонскиот град Велес со популација од 45.000 луѓе, доживеа дигитална златна треска кога негови жители отворија најмалку 140 веб-страници што ширеа пропаганда за републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, пишува американската веб-страница „Базфид“.
„Базфид“ во својата опширна анализа ја цитира новинска агенција „Мета“ за текстот објавен во април, кога „Мета“ контактираше со петмина велешани, сопственици на веб-страници што пренесуваат пропагандистички вести во корист на, тогаш потенцијалниот, а сега, кандидат на Републиканската партија за претседател на САД, Доналд Трамп.
Според сопствениците на овие веб-страници со кои контактираше „Мета“, Велес е преплавен со вакви и со слични „портали“ во потрага по повеќе кликнувања и по заработка. Петтемината млади велешани посочија дека финансискиот надомест им е најсилниот мотив за регистрирање на веб-страниците.
„Базфид“ во анализата пишува дека овие веб-страници имаат имиња кои звучат американски како WorldPoliticus.com, TrumpVision365.com, USConservativeToday.com, DonaldTrumpNews.co, и USADailyPolitics.com и сите објавуваат агресивна содржина во корист на републиканскиот кандидат, а наменета за поддржувачите на Трамп во САД.
Целиот текст на „Мета“, можете да го прочитате тука.