Македонија Судењето на Савески и Куновски одложено, адвокатите сè уште не го добиле...

Судењето на Савески и Куновски одложено, адвокатите сè уште не го добиле вештачењето

Судењето на членовите на Левица, Здравко Савески и Владимир Куновски, кои се товарат дека учествувале во демолирањето на народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов, на протестот од 13 април, е повторно одложено, бидејќи адвокатите на обвинетите не го добиле вештачењето за висината на штетата, кое е одамна изготвено.

Недоставеното вештачење, како што пренесува „Академик.мк“, е една од причините за одложување. Другата е тоа што предметот физички не се наоѓа кај судијата кое е во Алепацискиот суд, кој одлучува по жалбата на Обвинителството на решението на судијата да не определи ефективен притвор, туку мерка куќен притвор.

– Во неколку други постапки за истиот предмет вештачењето е веќе доставено, а ние немаме добиено вештачење со генерално образложение од државниот правобранител дека друг го водел предметот, па ќе се обиделе за следното рочиште да биде обезбедено, а тоа што луѓето се наоѓаат во притвор изгледа дека на никого не му е грижа што претставува лоша појава – реагираше Сашо Дуковски, кој му е адвокат на Савески.

Судијката Весна Петровска – Тагасовска, која го води овој и предметот против обвинетите демонстранти Никола Аризанов и Филип Наковски во кој Државното правобранителство достави вештачење за вкупната штета која е проценета за 522 илјади денари, се обврза да ѝ го достави вештиот наод и мислење на одбраната.

Судењето на Савески и Куновски е презакажано за 31 мај. На 25 мај истекува 30-дневниот притвор на двајцата членови на Левица.

Вчера на студентот, Борјан Ефтимов, кој се товари за истото дело – учество во толпа која ќе стори кривично дело, судот му одреди условна казна од 3 месеци доколку во рок од една година не стори ново кривично дело.