Свет Средба на Трамп со украинскиот претседател Порошенко во Белата куќа

Средба на Трамп со украинскиот претседател Порошенко во Белата куќа

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска во Белата куќа се сретна со украинскиот претседател, Петро Порошенко. Непосредно пред средбата, како што јавуваат светските агенции, министерството за финансии на САД ги објави новите санкции против сепаратистичките борци на истокот на Украина и нивните сојузници.

На листата на лица против кои се воведени санкции е и рускиот државјанин Дмитриј Уткин, кој се смета за шеф на нерегистрирана воена агенција која регрутира борци за Источна Украина. На листата е и фирма, поврзана со Евгениј Пригожин, бизнисмен од Санкт Петерсбург, која ја води кетеринг-службата за Кремљ.

Американскиот Сенат претходно со големо мнозинство го усвои проширувањето на санкциите против Русија, но за нив дополнително треба да се гласа и во Конгресот, каде засега не е закажана седница.

Украинскиот претседател изјавил дека е задоволен што неговата средбата со Трамп ѝ претходи на таа помеѓу американскиот претседател и неговиот руски колега, Владимир Путин, која се очекува да се случи на самитот на Г20 во Германија следниот месец.