Македонија Собраниска расправа за измените во Кривичниот законик за справување со насилството врз...

Собраниска расправа за измените во Кривичниот законик за справување со насилството врз жените

Извор на фотографија: Собрание на РСМ

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите во Собранието на РСМ денеска организираше јавна расправа по предлог законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, која што има за цел меѓу другото и справување со насилството врз жените.

На расправата се обрати и министерот за правда Бојан Маричиќ, којшто ја истакна важноста од усогласувањето на домашната правна рамка со Истанбулската конвенција и вистинската примена на овој значаен меѓународен документ за борбата со насилството врз жените.

„Процесот на изготвување на законските измени за кои денес јавно дебатираме, беше максимално инклузивен и во него беа вклучени судии и јавни обвинители кои во пракса го применуваат овој закон, како и правни експерти и граѓанските организации. Земени предвид беа и препораките на релевантните тела на Обединетите нации, а пред се Комитетот за елиминација на дискриминација спрема жената, но и бројни компаративни искуства и извештаи од надлежниот комитет во рамките на Советот на Европа за следење на спроведувањето на Истанбулската конвенција- ГРЕВИО за евалуација на одредени држави“ рече Маричиќ.

Министерот за правда рече дека земјава со ратификувањето на Конвенцијата демонстрирала вистинска и искрена политичка волја да се справи со насилството врз жените.

„Тоа се прави почитувајќи го најефективниот европски договор со кој може да се превенира насилството врз жените. Дополнително, овие измени и дополнувања кои сега ги носат, а се однесуваат на усогласување на Казнениот законик со Истанбулската конвенција, се испраќа порака дека Владата работи на исполнување на конкретните и задолжителни обврски за заштита на жените од насилство, преку воведување и примена на холистички пристап во имплементирање на истите“, изјави министерот за правда Маричиќ.

Инаку, Работната група која што работела на измените и дополнувањата на Кривичниот законик, во предлог-законот посветила посебно внимание на интервенција во Кривичниот законик заради употреба на родово сензитивен речник наспроти родово неутралниот кој моментално се употребува и вметнување на родовата перспектива во Кривичниот законик, гарантирање дека родовите димензии се земени предвид во дефинирањето на кривичните дела и постапките

Исто така, предложени се и измени во Кривичниот законик во однос на половиот напад и силувањето, измена на Кривичниот законик со цел дефинирање на психичко насилство и инкриминирање на демнењето како ново кривично дело со одредби преку кои ќе бидат предвидени и санкции за сторителите, а истовремено ќе се обезбеди заштита за жртвите.