Свет Европа Слабоста на Русија е очигледна, реагира Зеленски по бунтот на Вагнер

Слабоста на Русија е очигледна, реагира Зеленски по бунтот на Вагнер

Украинскиот шеф на државата вели дека Русија веќе долго време користи пропаганда за да ги прикрие своите слабости и глупоста на нејзината влада

Фото: Собрание на РСМ

Очигледна е целосната слабост на Русија, а Украина е во состојба да ја заштити Европа од ширењето на руското зло и хаос. Оваа изјава денеска ја даде украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграм, а ја пренесува Укринформ.

„Слабоста на Русија е очигледна. Целосна слабост. И колку подолго Русија ги држи  своите војници и платеници на нашата земја, толку повеќе хаос, болка и проблеми ќе има за себе подоцна. Тоа е исто така очигледно. Украина е во состојба да ја заштити Европа од ширењето на руското зло и хаос“, истакна Зеленски.

Според неговите зборови, секој што го избира патот на злото се уништува себеси.

Украинскиот шеф на државата вели дека Русија веќе долго време користи пропаганда за да ги прикрие своите слабости и глупоста на нејзината влада. Сега, има толку голем хаос што ниту една лага не може да го скрие.

Претседателот Зеленски ги повика Украинците да ја задржат издржливоста, единството и силата и изрази уверување дека украинските команданти и војници знаат што да прават.